Новости

Социјалните мрежи и веб-страниците предничат во говорот на омраза кон сексуалните малцинства

Припадниците на сексуалните малцинства во најголем дел редовно (43.9%) и често

(46.3%) забележуваат говор на омраза насочен кон лицата со поинаква сексуална ориентација. Говорот на омраза кон сексуалните малцинства, според припадниците на овие групи најмногу е присутен на Интернет и во медиумите, поточно, на социјалните мрежи (97.6%), интернет страници (85.6%), телевизии (78.0%), весници или списанија (70.7%) и радио (12.2%).

Ова се само дел од наодите од истражувањето што го спроведе агенцијата „Рејтинг“ за потребите на Безомразно.мк и Македонскиот институт за медиуми. Во рамки на истражувањето, кое се спроведе онлајн со примена на методот на снежна топка, беа испитани перцепциите на 70 припадници на сексуалните малцинства во земјата.

Според резултатите од истражувањето, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека во последните неколку години говорот на омраза кон сексуалните малцинства се зголемува, додека 26 % сметаат дека е на исто ниво како пред тоа, а само 12 % се изјасниле дека говорот на омраза се намалува.

Голем дел од испитаниците (43.9%) заради нивната сексуална ориентација или родов идентитет биле предмет на потсмев, 41.5% претрпеле оштетување на личниот имот, една третина (34.1%) биле навредувани, 29.3% биле заплашувани, 19.5% биле дискриминирани, а 17.1% биле изложени на физичко насилство. Речиси секој трет испитаник се изјаснил дека говорот на омраза и насилството биле предизвикани од раководни лица на работните места. Но, исто така, значителен број на испитаници ги посочуваат членовите на семејството и пријателите како предизвикувачи на говор на омраза.

Убедливо мнозинство од испитаниците (91.7%) не ги пријавувале случаите на навредување и насилно однесување кон нив и нивниот имот пред надлежните институции. Како причина за тоа, тие ја наведуваат несериозноста и неделувањето на институциите, но и поради тоа што не сакале да ја откријат својата сексуалната ориентација. Одреден дел од испитаниците се изјасниле дека сами се справиле со проблемите, помал број од нив (5.9%) истакнале дека се плашеле од последиците, а исто толкав број не знаеле каде или како да пријават.

Според 36.1% од испитаниците, слабиот квалитет на образованието за сексуалноста и недоволната информираност и едуцираност се посочуваат како главни фактори кои придонесуваат за поттикнување на говорот на омраза кон сексуалните малцинства. Речиси една петтина од испитаниците (20.8%) проблемот за поттикнување на говорот на омраза кон сексуалните малцинства го лоцираат во игнорантската (хомофобична) политика од страна на државата и неказнувањето на говорот на омраза кон ЛГБТИ заедницата од страна на надлежните институции. Исто така, како причини за поттикнување на говорот на омраза кон сексуалните малцинства се наведуваат конзервативноста на нашето општество, традиционалните вредности и воспитувања, предрасудите и силната доминација на патријархалните вредности, како и ниската свест за човековите права, нетолеранцијата и неприфаќањето на различностите.

Целосниот извештај од истражувањето и табеларниот приказ на податоците можете да ги преземете на следните линкови:

Извештај од истражувањето зa присутноста на говорот на омраза кон сексуалните малцинства во Република Македонија

Истражување зa присутноста на говорот на омраза кон сексуалните малцинства во Република Македонија

 

Последни новости

Промотивни писма

Почитувани, доколку сакате да бидете во тек со соджини поврзани од овој тип, имате можност да ја оставите вашата e-пошта.