Новости

Граѓаните едногласни против говорот на омраза на верска основа, но тој и понатаму се зголемува

Говорот на омраза кон припадниците на различните религиозни групи во земјата расте, а мнозинството испитаници во јавноста забележале изјави, кои се однесуваат на несогласување, омраза или агресија кон припадниците на различни религии во земјата. Според граѓаните, овој тип на говор на омраза е најчесто присутен на телевизија, во личната комуникација и на Интернет, во печатените медиуми и графитите.  Ова се дел од перцепциите на граѓаните кои учествуваа во истражувањето за  религијата и присутноста на говорот на омраза во таа сфера во Република Македонија, што го спроведе Агенција Рејтинг за потребите на Македонскиот институт за медиуми и веб страницата „Безомразно.мк“.

Од испитаниците кои забележале говор на омраза во јавноста, поголем дел (62.2%) сметаат дека таквиот говор кон припадниците на различните религиозни групи се зголемува. И покрај тоа, убедливо мнозинство од испитаниците не ја одобрува употребата на изјави на омраза или агресија кон припадниците на различни религиозни групи. Карактеристично за ова истражување, како и за претходните, е дека препознавањето на говорот на омраза расте заедно со степенот на образование на анкетираните граѓани.

Повеќе од половина од испитаниците кои забележале говор на омраза кон религиозните групи, сметаат дека тој е најчесто насочен кон припадниците на исламот, додека околу една третина сметаат дека говорот на омраза е насочен кон православните. Помал процент од испитаниците изјавиле дека говорот на омраза во јавноста е насочен кон другите верски заедници.

Испитаниците во најголем дел сметаат дека говорот на омраза на верска основа е најприсутен на телевизија (76.1%), во личните контакти (61.5%), на различни интернет страници (53%), социјалните мрежи (51.7%), по графити на ѕидови (47.8%), во весници и списанија (47.4%). Додека, во помал процент испитаниците го забележуваат говорот на омраза на јавни места  – училишта, концерти, фудбалски натпревари и слично.

Запрашани да посочат специфични зборови или фрази за кои што сметаат дека се навредливи за припадниците на различни религии, голем дел од испитаниците наведуваат термини кои имаат етнички предзнак. Тоа упатува на констатација дека разликата помеѓу етничката и религиската припадност за многу граѓани се уште не е јасна.

Истражувањето беше спроведено на 14 и 15 октомври 2014 година, преку телефонско анкетирање на 800 испитаници, со репрезентативен опфат на сите етнички заедници, урбани и рурални средини во Република Македонија. Статистичката грешка за овој вид истражувања изнесува од -3.5 до +3.5%.

Целосниот извештај од истражувањето и табеларниот приказ на податоците можете да ги преземете на следните линкови:

Извештај од истражувањето за религијата и присутноста на говор на омраза во таа сфера во Република Македонија

Истражување за религијата и присутноста на говор на омраза во таа сфера во Република Македонија

Последни новости

Промотивни писма

Почитувани, доколку сакате да бидете во тек со соджини поврзани од овој тип, имате можност да ја оставите вашата e-пошта.