Новости
Говорот на омраза меѓу политичарите и поддржувачите на партиите се зголемува
Дури 79,4% од граѓаните забележале говор на омраза помеѓу политичарите и поддржувачите на политичките партии во земјата, а над 70 % сметаат дека тој се зголемува во последните години. Препознавањето на говорот на омраза многу зависи и од степенот на образование – според истражувањето, дури 88% од високообразованите испитаници забележуваат говор на омраза во политиката, кај испитаниците со средно образование тој процент е 81%, додека кај оние со основно образование 61%. Ова се само некои од сознанијата добиени од истражувањето кое за потребите
на Македонскиот институт за медиуми и „Безомразно.мк“ го спроведе Агенцијата Рејтинг.
Според истражувањето, со политички мотивиран говор на омраза најмногу се сретнале вработените во државниот сектор – 87%. Со говорот на омраза во оваа сфера се сретнале и 86% од испитаниците кои порано биле, а сега не се членови на некоја политичка партија, 80% од оние кои моментално се членови, и 78% од оние кои не се и не биле членови на партии.
Испитаниците ги посочуваат медиумите како клучна алатка за трансферирање на политички мотивираниот говор на омраза, иако го има и во личните контакти на граѓаните. Речиси секој испитаник (97,3%) ваквиот тип на говор на омраза го забележал на телевизија, 74,3% во весник, 48,7% на социјалните мрежи, а речиси ист процент или 48,3% на интернет страници. Понатаму, 43% од испитаниците забележале говор на омраза на радио, а секој трет испитаник или 34,3% искусил политички мотивиран говор на омраза во личен контакт.
Политички мотивираниот говор на омраза на Интернет страниците во највисок процент (88%) го забележуваат младите на возраст од 18 до 29 години, кои се најчести корисници на мрежата. Според етничката структура, повеќе од половинатата или 56% од испитаниците етнички Албанци, 46% од етничките Македонци и 44% од другите етнички заедници изјавиле дека забележале ваков тип говор на омраза на Интернет страници, а најмногу го забележуваат високообразованите, учениците или студентите. Интересно е што дури 67% од вработените во државниот сектор и 60% од моменталните членови на политичките партии среќаваат политички говор на омраза на Интернет. Социодемографската анализа открива слични резултати и за присутноста на политички мотивираниот говор на омраза на социјалните мрежи. Тоа во најголем процент го забележуваат етничките Албанци (58%), испитаниците на возраст од 18 до 29 години (85%), две третини од оние со највисок степен на образование (63%), учениците и студентите (88%) и моменталните членови на политичките партии (59%).
Истражувањето е спроведено во периодот 18 – 19 декември 2013 година, преку телефонска анкета на примерок од 800 испитаници, кој е политички репрезентативен и стратификуван со репрезентативен опфат на сите етнички заедници, урбани и рурални средини и изборни единици во Република Македонија. Маргината на статистичка грешка во ова истражување е од -3.5 до +3.5%;
Целосниот текст на заклучоците од истражувањето и табеларниот приказ на податоците можете да ги преземете на следните линкови: