Новости

Етничкиот говор на омраза се зголемува, прифаќањето на мултикултурализмот во училиштата позитивен тренд

Граѓаните сметаат дека говорот на омраза кон припадниците на различните етнички групи во земјата се зголемува и најчесто го забележуваат на телевизија, по графити на ѕидови и на Интернет. Ова се дел од заклучоците од истражувањето за говорот на омраза кон припадниците на различни етнички заедници, што го спроведе Агенција Рејтинг за потребите на Македонскиот институт за медиуми и веб страницата „Безомразно.мк“.

Според резултатите од истражувањето, нешто повеќе од половина од испитаниците (55.9%) одговориле дека забележале говор на омраза, додека 44% одговориле дека не забележале говор на омраза во јавноста.

Поголем дел од испитаниците кои забележале говор на омраза во јавноста (62.6%) сметаат дека во последните неколку години говорот на омраза кон припадниците на различните етнички групи се зголемува, 18.3% сметаат дека е на исто ниво како пред тоа, а само 12.2% рекле дека се намалува.

Околу 40% од испитаниците одговориле дека својата слика за другите етнички заедници ја создаваат врз основа на секојдневен контакт со нив, а 22% врз основа на информациите во медиумите. Помал дел од испитаниците својата слика за другите етнички заедници ја градат врз основа на разговори со пријателите и познаниците, врз основа на она што го зборуваат и прават политичарите од нивната етничка група, како и преку следење на медиумите од регионот и пошироко.

Според 65 % од испитаниците најчести жртви на говор на омраза се припадниците на албанската заедница, 22% изјавиле дека говорот на омраза е насочен кон припадниците на македонската етничка заедница, 8% од испитаниците сметаат дека припадниците на ромската заедница се жртви на говор на омраза, а само 1.6% велат дека говорот на омраза бил насочен кон етничките Турци. Додека, 3.5% сметаат дека жртви на говор на омраза се припадниците на другите етнички групи во земјата.

Високи 97.4% од сите испитаници одговориле дека не го одобруваат говорот на омраза во јавноста насочен кон припадниците на различни етнички групи.

Истражувањето на ставовите и перцепциите кои ги имаат припадниците на различните етнички групи едни спрема други покажува дека 71% од етничките Албанци не се согласуваат член на семејството да се омажи/ожени со припадник на различна етничка група, додека кај етничките Македонци овој процент е 61%.

Запрашани дали се согласуваат нивното дете да биде дел од училишна паралелка во која учат деца од албанска, македонска и ромска етничка припадност, високи 95% од испитаниците се согласуваат нивното дете да биде дел од училишна паралелка во која учат деца од македонска етничка припадност, околу 80% се согласуваат децата да следат настава во паралелка со деца од албанска етничка припадност и 77% немаат проблем децата да се дел од паралелка во која учат и деца од ромска етничка припадност.

Истражувањето покажа дека и понатаму сите останати етнички заедници имаат длабоки стереотипи, предрасуди и негативни перцепции за Ромите.

Истражувањето се спроведе во периодот од 13 до15 декември 2014, преку методот телефонска анкета на 800 испитаници со репрезентативен опфат на сите етнички заедници. Статистичката грешка за овој вид истражувања изнесува од -3.5 до +3.5%.

Целосниот извештај од истражувањето и табеларниот приказ на податоците можете да ги преземете на следните линкови:

Извештај од истражувањето за говорот на омраза кон припадниците на различни етнички заедници во Република Македонија
Истражување за говорот на омраза кон припадниците на различни етнички заедници во Република Македонија

Последни новости

Промотивни писма

Почитувани, доколку сакате да бидете во тек со соджини поврзани од овој тип, имате можност да ја оставите вашата e-пошта.