Новости
Дел од партиите потпишаа Декларација за осуда на говорот на омраза
Седум политички партии од власта и опозицијата, заедно со нивните кандидати за претстојните претседателски/парламентарни избори потпишаа Декларација со која најостро го осудуваат говорот на омраза кон маргинализираните заедници. Претставниците се воздржуваат од говор на омраза и дискриминаторски говор кон жените, лезбејките, гејовите, бисексуалците и трансродовите лица во пред/изборниот период. Особен акцент ставен е на нивните изјави во медиумите кои можат разумно да бидат разбрани како легитимирање на говорот на омраза или дискриминацијата.
Декларацијата која беше промовирана денеска е иницијатива на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центар за поддршка, Акција Здруженска, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ – ЕСЕ и Национална Мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.
„Мислам дека со самото тоа што дури седум политички партии ја потпишаа Декларацијата покажува некаков успех. Ние сепак и од оние партии кои не ја потпишаа Декларацијата, во овој пред/изборен период ќе очекуваме повеќе да промовираат идеи и концепти, а не говор на омраза“ истакна Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
Потпишувачите ги охрабруваат сите учесници во предизборната кампања да промовираат толеранција и почит за човековите права на наведените групи.
Партии-потпишувачи на Декларацијата се: Либерална Партија, Либерално-демократска партија, Демократска обнова на Македонија, Демократски Сојуз, Нова социјалдемократска партија, Алијанса за позитивна Македонија и Социјалдемократски сојуз на Македонија.