Новости

Навивачите и политичките партии најодговорни за растечкиот говор на омраза во спортот

govor.na.omraza.vo.sportot

Високи 63% од граѓаните сметаат дека говорот на омраза во спортот се појавува многу често. Ваквата појава најмногу ја забележуваат највозрасните испитаници (68%), испитаниците на возраст од 30 до 49 години(69%), како и оние со високо образование (69%). Помладите пак, кои се и најредовни посетители на спортските натпревари, го забележуваат говорот на омраза во спортот во помала мера (55%). Ова се само дел од наодите на истражувањето за говорот на омраза во спортот, што го спроведе агенцијата „Рејтинг“ за потребите на Безомразно.мк и Македонскиот институт за медиуми.

Според истражувањето, речиси половина од анкетираните сметаат дека во изминатите години говорот на омраза во спортот се зголемува, а околу една третина се изјасниле дека е на исто ниво. Најголема одговорност за постоењето на говор на омраза во спортот испитаниците лоцираат кај самите навивачи (88%), а потоа следат политичките партии (69%), администраторите на Интернет (57%), спортските судии (52%) и спортските новинари (51%). Исто така, истражувањето покажува дека ненавивачите во многу повисок процент (76%) забележуваат говор на омраза во спортот, во споредба со навивачите (61%), односно оние кои ја поддржуваат навивачката група на клубот што го симпатизираат. Говорот на омраза најмалку го регистрираат младите навивачи.

Најголем дел од испитаниците (44%) сметаат дека во спречувањето на говорот на омраза на спортските настани најмногу може да придонесат водачите на навивачките групи, па потоа медиумите (13%), полицијата (12%), раководствата на спортските клубови (11%), судиите(3%) итн. Високи 75% од испитаниците сметаат дека говорот на омраза на спортските терени треба да се третира како кривично дело.

Истражувањето за говорот на омраза во спортот се спроведе на 6ти март 2014 година, преку телефонско анкетирање на 800 испитаници кои следат македонски спорт, со репрезентативен опфат на сите етнички заедници, урбани и рурални средини во Република Македонија. Статистичката грешка за овој вид истражувања изнесува од -3.5 до +3.5%.

Целосниот текст на заклучоците од истражувањето и табеларниот приказ на податоците можете да ги преземете на следните линкови:

Истражување за присутноста на говорот на омраза на спортските настани во Република Македонија

Заклучоци од истражувањето за говорот на омраза во спортот

 

Последни новости