Новости

Интернетот поцрвени од срам

nm-foto

Текстот е објавен во дневниот весник „Нова Македонија
Автор: Јасна Атанасова

Дигитално насилство и говор на омраза во македонија

Близу стотина Македонци годинава поднеле претставки до Дирекцијата за заштита на личните податоци за нарушување на честа и угледот и за изнесување невистини од страна на таканаречените хејтери (мразачи) во сајбер-просторот. Освен оваа категорија граѓани, според надлежните, за само 12 месеци во македонското интернет-небо биле регистрирани над 25 илјади видеоклипови со ксенофобична или националистичка содржина. Со пребарување на зборот „тепачка“ и „ќотек“ се поставени повеќе од 300 видеоклипови, а исто толку клипови има и со содржина што содржи малтретирање.

Зачудува фактот што во исто време биле регистрирани и над 41 милион изрази на пцости и невкусни зборови напишани со кирилско писмо и околу 106 милиони такви изрази со латинично писмо, вели официјалната статистика.

Од февруари годинава кривичното законодавство ќе ги гони и оние што шират омраза, тенденциозни невистини и малтретираат на Интернет. Промената на членот 391 од Кривичниот законик укажува дека секој што со злоупотреба на положбата или овластувањето преку е-омраза од која било дискриминаторска основа ќе предизвика насилство ќе се биде казнет со затвор од една до десет години.
– За да се намали сајбер-насилството, кај надлежните институции недостига неселективно спроведување на законите, особено членовите на Кривичниот законик 319 – „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост, врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ и 394 – „Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, кои предвидуваат казни затвор од една до десет години – изјави Филип Стојановски од организацијата „Метаморфозис“.

Онлајн-злоупотреби со лични податоци

Годинава до почетокот на месецов се поднесени вкупно 132 претставки до Дирекцијата за заштита на личните податоци, од кои 85 се однесуваат на нарушување на приватноста на Интернет. Во 59 случаи граѓаните пријавиле лажни профили на Фејсбук за кои Дирекцијата побара бришење, 17 претставки се однесуваат на злоупотреба на корисничко име или лозинка, а во 9 случаи се пријавени злоупотреби на кориснички имиња и лозинки на други социјални мрежи, интернет-адреси и прикачување видеа и фотографии на Јутјуб без согласност. Вкупниот број во првите четири месеци годинава нема значителна разлика од бројот на поднесени претставки во првите четири месеци лани. Пораст бележи бројот на претставки што се однесуваат на користењето на Интернетот, а особено социјалните мрежи.

– Свеста кај граѓаните расте кога станува збор за овој тип злоупотреби. Тоа, секако, се должи на сѐ поголемото користење на Интернетот и различните сервиси, како и достапноста на тие сервиси насекаде. Факт е дека сме постојано онлајн, особено со користењето на паметните телефони и други преносни уреди и целосно ја следиме состојбата – изјави Елена Стојановска, портпаролка на Дирекцијата.

Говорот на омраза како кривично дело

Со Кривичниот законик од 2009 година македонското законодавство започна да го имплементира концептот на дело на омраза. Станува збор за членот 39, при што како отежнувачка околност при одмерувањето на казната за секое дело судот треба да го има предвид стореното дело. Примената на овој концепт претставува подигање на ефикасноста на примената на постојните одредби во КЗ за делата на омраза.

– Во македонската практика на органите надлежни за превенција и спречување
говор на омраза постои резервиран однос кон примената на законските забрани,
што се рефлектира врз сосема малиот број регистрирани случаи на казнено гонење или преземање други законски мерки – се вели во „Правна анализа на концептот на казненото дело на омраза и говорот на омраза“, изготвена од ОБСЕ.

– Македонија е чувствителна и санкционирањето на говорот на омраза би довело до нов говор на омраза. Има посебен оддел во Министерството за внатрешни работи за ИТ-криминал, но, за жал, реагираат со бришење најчесто откако сѐ ќе биде обелоденето. Ако сакаме да нема говор на омраза, не треба да го санкционираме Интернетот, туку МВР може да побара да биде избришан профилот – изјави Драги Рашковски, доктор по правни науки.

Целиот текст може да го прочитате тука.

Последни новости