Новости

Став на „Безомразно“ за пријавата од група албански интелектуалци од Куманово за говор на омраза на „Фејсбук“ страница на локален портал

prijava-g-b

До редакцијата на „Безомразно“ пристигна пријава од група албански интелектуалци од Куманово за објавена содржина на „Фејсбук“ страница на локален Интернет портал. Објавата претставува виц кој содржи погрдни и навредливи термини насочени кон албанската заедница.

Тимот на „Безомразно“ ја разгледа пријавата и констатира дека иако се работи за сатиричната содржина, сепак, јасно се забележува присуството на говор на омраза кон припадниците на албанската етничка заедница. Пријавениот виц би бил ослободен од говорот на омраза доколку како предмет на потсмев се посочени одредени измислени ликови, кои на никаков начин не би можеле да бидат доведени во контекст на различните заедници и групи кои живеат во земјата.

Слободата на изразување е неприкосновено човеково право, а хуморот и сатирата се одличен начин да се критикуваат општествените случувања, успесите, грешките, мааните, доблестите, и на тој начин позитивно да се влијае на расположението на граѓаните. Токму затоа,

„Безомразно“ ги охрабрува и апелира до Интернет корисниците и до веб-порталите да продолжат да го негуваат хуморот и сатирата без употреба на говор на омраза.

„Безомрано“ останува доследен на принципот да не ги објавува имињата на “мразачите“, туку, преку практични примери да укажува на употребата на говор на омраза во јавната комуникација, и да влијае на свеста на граѓаните навремено да реагираат и соодветно да се справуваат со таквиот говор.

 

 

Последни новости